Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија заедно со вицепремиерот Фатмир Битиќи му порача власта наместо да ја обвинува опозициската партија за тоа што треба да плати над 25 милиони евра на „Хеленик петролеум“ за оштета, одговорност да бара во нивниот коалициски партнер Љубчо Георгиевски кој го потпишал тој штетен договор.
– Тој кој што го склучи и потпиша овој договор сега е коалициски партнер. И мислам дека таму треба да се насочат прашањата зошто потпишувал такви договори. Она што исто така е спорно е што јавноста долги години е убедувана дека со Грција има идеални односи откако СДСМ е на власт. Но, не гледам дека тие идеални односи се користат за „Хеленик петролеум“ да се откажат од овие барања и треба да знае јавноста дека тоа е доминанта државна фирма, не се работи за приватна фирма, туку напротив „Хеленик петролеум“ оди на суд и ја тужи државата, изјави Николовски.
Николоски наведе дека освен актуелниот процес во кој државата ќе треба да плаќа оштета, има и други судски процеси поврзани со рудниците за кои владата на СДСМ не дозволи да се отворат.
Тој тврди дека намерно се поттикнуваат вакви процес за да се испумпуваат парите на граѓаните и на крај да бидат поделени помеѓу сопствениците на концесиите и владини претставници.
– Поразите се слават како победи и тоа е карактеристика на оваа влада кога бројни државни порази се слават како победи, на пример промена на име секаде во светот е понижување, а во Македонија владата го слави како победа, или договорот со Бугарија во кој се негира македонскиот јазик или идентитет секаде во светот би бил пораз, во Македонија се слави како победа, рече Николовски.