Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија, на која се разговараше за динамиката на спроведувањето на реформската агенда. По средбата во Владата, премиерот преку својот профил на Фејсбук порача дека процесот бележи видлив напредок.
„Реформската агенда повеќе не е само план на хартија, таа дава конкретни, мерливи резултати“, напиша Мицкоски.
Според премиерот, владините институции го забрзале темпото на работа во клучните области, при што некои од планираните чекори се веќе финализирани, додека други се реализираат пред предвидените рокови.
„Во изминатиот период го забрзавме спроведувањето во сите клучни области. Неколку чекори се веќе целосно реализирани, а други напредуваат побргу од планираното. Ова одразува силна политичка посветеност, подобрена институционална координација и јасен фокус на резултати“, истакна Мицкоски.
Во однос на јавните финансии, премиерот посочи дека се воведуваат нови стандарди за управување со буџетот. Тој нагласи дека институциите работат на потранспарентно управување со ризиците и построга контрола на јавната потрошувачка.
„Институциите повеќе известуваат, посистематски управуваат со ризиците и применуваат построги контроли врз јавната потрошувачка. Во исто време, го модернизираме буџетскиот систем и ги подобруваме планирањето и следењето на јавните инвестиции. Пораката е едноставна: јавните средства се управуваат поодговорно и поефикасно“, додаде премиерот.



