Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, преку објава на својот Фејсбук профил, реагираше на вчерашниот напад во Вашингтон, нагласувајќи дека ова е сериозен чин што има за цел да ги погоди темелните вредности на демократијата и слободата.
-Неодамнешниот напад во Вашингтон е сериозен чин што има за цел да ги погоди темелните вредности на демократијата и слободата. Соединетите Американски Држави постојано докажаа дека остануваат непоколебливи пред секоја закана, благодарение на силата на своите институции и единството на својот народ.
Изразувам целосна поддршка и длабока солидарност со американскиот народ и нивните безбедносни институции. Брзиот и професионален одговор уште еднаш покажа дека насилството не може да триумфира над демократијата.
Во овие моменти, стоиме рамо до рамо со САД, поддржувајќи ги безрезервно нивните напори за безбедност, мир и заштита на демократските вредности насекаде во светот, порача лидерот на интегративците.
Вчера и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски изрази загриженост по саботниот напад на Вечерата на дописниците од Белата куќа во Вашингтон.
„Ми олесна што претседателот Доналд Трамп, првата дама и другите присутни се безбедни“, напиша Муцунски на социјалната мрежа „Х“, посакувајќи му брзо закрепнување на повредениот припадник на Тајната служба.



