Лидерот на Албанската лига, Зијадин Села, остро го критикуваше предложениот Закон за фер и соодветна застапеност, оценувајќи дека тој не само што не нуди решение, туку може да предизвика сериозни последици врз правата што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.
Според Села, новото законско решение суштински не се разликува од поранешниот Балансер, туку разликата е само во називот и начинот на кој е претставено пред јавноста.
„Овој закон е многу штетен и ги повикувам сите албански пратеници да бидат внимателни. Ваквите решенија имаат за цел постепено да го поништат Охридскиот договор. Не станува збор за лични интереси, туку за иднината на генерациите што доаѓаат – студентите, младите и идните поколенија“, изјави Села.
Тој посочи дека истата порака му ја пренел и на вицепремиерот Беким Сали, нагласувајќи дека законот не треба да се гледа низ призмата на поединци или актуелни политички потреби, туку како решение што ќе има долгорочни последици врз државата и меѓуетничките односи.
Села смета дека споредбите со Балансерот се оправдани бидејќи, како што вели, суштината останува иста, а променето е само „пакувањето“.
– Advertisements –
Воедно, лидерот на Албанската лига ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека со ваквите потези се обидува да го ослабне и „изгори“ правото на правична застапеност кое произлегува од Охридскиот рамковен договор.
„ВМРО-ДПМНЕ се обидува да го потроши и изгори дури и ова право што произлегува од Охридскиот договор“, порача Села во гостување на ТВ Алсат.



