Поминале речиси две години. Покажавме дека и со скромни ресурси може да се направи многу. Во овој краток период ја направивме Македонија една од петте земји во Европа според растот на БДП, изразен како процент, а постигнавме и историски рекорд од над 1,255 милијарди евра странски директни инвестиции.
Работиме на шест нови автопати, ги зголемивме пензиите, градиме студентски домови, а за студентите обезбедивме и електронски уреди. Сè што претходната влада го остави како проект или заборавено, ние го реализиравме и го реализираме, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод одбележувањето на 36-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Настанот се одржа вчера во Струмица под мотото „Македонија забрзува, наша обврска“, се вели во соопштението од партијата што МИА го пренесува интегрално.
Мицкоски во обраќањето нагласи дека Македонија е меѓу првите пет земји во Европа според растот на БДП и повторно го истакна рекордот во странските директни инвестиции. Тој најави и нови капитални инфраструктурни проекти во патната, железничката и здравствената инфраструктура.
Премиерот најави дека во текот на неделата ќе биде објавен тендер за физибилити студија и техничко решение за патот Радовиш–Струмица, што, како што рече, ќе биде дополнителна вредност на веќе пуштената во употреба болница во Струмица, која, според него, била незавршена четири децении.
Тој најави и дека следува реконструкција на Владата, додавајќи дека од утре ќе почне да работи на ова прашање, по завршувањето на промените во партијата и новото кадровско екипирање.



