Обвинителот Бубевски се надева дека судовите ќе донесат одлука навреме за „Титаник 2“

Обвинителот Гаврил Бубевски, првиот човек на скопското обвинителство кој денеска дојде во Кривичниот суд во Скопје за да го застапува обвинението во случајот „Титаник 2“ изрази надеж дека судската постапка вклучувајќи го и одлучувањето на Апелацискиот суд ќе заврши во предвидениот рок и дека нема да дојде до застарување на предметот.

Во „Титаник 2“, обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, потоа претседателот на ДПА, Мендух Тачи, како и поранешни членови на ДИК. Тие се товарат дека сториле кривично дело за време на локалните избори во Струмица во 2013 година и се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување. Мијалков е обвинет за примање награда за противзаконито влијание кое застарува за четири месеци.

„Предметот застарува за четири месеци само во однос на обвинетиот Сашо Мијалков затоа што дејствијата за кои се товари се до пет години затвор. Во однос на другите обвинети предметот останува во процедура затоа што роковите за застареност се многу поголеми. Меѓутоа, очигледно гледате дека судот прави напори сето ова да заврши во најбрз можен рок. Јас се надевам дека и Апелација во предвидениот рок до моментот кога настапува апсолутна застареност ќе има своја одлука. И Основниот суд и Апелација“, изјави обвинителот Бубевски, пишува порталот „360 степени“.

Advertisements

Апелациониот суд неодамна го врати на повторно одлучување овој судски предмет откако ги укина пресудите за Мијалков и за Тачи затоа што констатирал дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер. Жалбениот совет констатирал дека утврдените факти што го чинат законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка.

Кривичниот суд неправосилно го осуди поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на три години затвор, а лидерот на ДПА Мендух Тачи на 3 години и 2 месеца во предметот. Бедредин Ибраими доби казна затвор од 4 години и 6 месеци, Влатко Сајковски 3 години, Сашо Срцев доби 3 години и Елизабета Стефановска, исто така, 3 години затвор.