И во БиХ жена ја доби довербата за високата позиција во државата – Борјана Кришто е новата премиерка

Претставничкиот дом на парламентот на Босна и Херцеговина денеска го потврди назначувањето на кандидатката на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) на БиХ, Борјана Кришто, за претседавач со новиот совет на министри на БиХ, јавувa Дневни аваз.

Уставот предвидува, по потврдувањето на именувањето, премиерката Кришто да ги предложи министрите на новиот Совет на министри на БиХ, чиј избор потоа треба да биде потврден од Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ.

За Кришто гласаа 23 претставници на партиите на новоформираната коалиција на државно ниво, меѓу кои ХДЗ БиХ, Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) и членовите на пробосанската коалиција „Осморка“.

Advertisements

Против беа 15 претставници на опозициските партии од Федерацијата БиХ (Партија за демократска акција и Демократски фронт) и Република Српска (Српска демократска партија, Партија за демократски напредок и Движење за правда и ред).

Кришто во своето излагање пред членовите на Претставничкиот дом ја истакна својата определба за европска интеграција и НАТО-патот на БиХ, за политички дијалог и соработка во БиХ, како и за владеење на правото и борба против корупцијата.