Пратеничката Благица Ласовска го потсети премиерот Ковачевски на етичкиот кодекс – „Колку е етички вашата сопруга да работи со фирма за енергетика?“

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска на денешната седница за пратенички прашања побара премиерот Димитар Ковачевски да одговори, како што рече, „колку е етички неговата сопруга да работи со фирма за енергетика во вакви моменти кога на народот му е најлошо?“

Пратеничката потсети и на пишувањата во медиумите во врска со фирмата во која косопственик е сопругата на премиерот, Елена Ковачевска, а има намери да гради енергетски капацитет кај Радовиш.

„Фирмата е отворена во октомври 2020 година, еден месец откако вие сте предложен за заменик-министер за финансии. Прво сте станале државен функционер, па потоа вашата сопруга направила фирма. Колку е етички вашата сопруга да работи со фирма за енергетика во моменти кога на народот му е најлошо, дали имате некаков пример во светот за такво нешто – за премиер чија сопруга работи бизнис, а тој може и да не се јави по телефон, а да ѝ дава работа? Не знам дали ви е јасно како изгледа тоа од страна ама очигледно не ви е бидејќи сте решиле и вашата сопруга да работите тоа што работите“, реагираше Ласовска.

Advertisements

Премиерот ѝ рече на пратеничката дека се обидува да направите алузија дека се работи за инвестиција на семејството Ковачевски.

„Не, се работи за инвестиција на мојата сопруга што е дозволено според закон, и тие коишто инвестираат свои средства тие плаќаат и даноци, од коишто даноци плата земаат и јавната администрација, и Владата и пратениците. И последното што го кажавте во однос на тоа кој е среќен, со оглед на тоа дека 12 години вие земате плата од такви како мене и тие кои што инвестираат во приватниот сектор, тоа е за пофалба, за тие што платиле данок е за пофалба и за вас што ви се платени и платата и придонесите и персоналниот данок од плаќачите на данок“, одговори премиерот Ковачевски.

Секој граѓанин во државава, додаде премиерот има право да инвестира свои сопствени средства. Тоа не исклучува никого, рече Ковачевски во одговор на прашање од пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.

Премиерот во одговорот наведе дека согласно со етичкиот кодекс на Владата и со Законот за спречување на корупција целиот негов имот и имотот на членовите на неговото семејство што гласат на нивно име се пријавени во анкетниот лист во Државната комисија за спречување на корупцијата.

Ласовска во својата реплика  рече дека „очигледно не му пали цинизмот и иронијата“.

– Не сте излегле на избори за да знаете. Ќе излеземе многу побргу од тоа што мислите и се надевате, рече Ласоска.