Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во своето обраќање до јавноста на годишната конференција во Палатата Србија, во Белград, рече дека ова е негов последен мандат и дека наскоро нема да биде на чело на Српската напредна партија (СНС), како и дека нема да го менува Уставот на Србија.
„Немам потреба, ниту на кој било начин ќе мамам или кријам факти од мојот народ. Ова е мојот последен претседателски мандат. Нема да го менувам Уставот, а во првата половина на следната година нема да бидам ни претседател на партијата“, изјави Вучиќ.
Меѓу другото, Вучиќ рече дека оваа година ќе биде тешка и многу потешка од претходната, но дека ќе биде година на „понатамошен развој и напредок, и покрај се“.
„Америка паѓа и се приближува до рецесија, стапката на раст на Кина паѓа, Европа се приближува кон рецесија, а стапката на раст на Србија исто така паѓа, бидејќи Србија е дел од тој систем“, рече Вучиќ.
„Тоа ќе влијае и на нас, ние сме само дел од синџирот“, додаде тој.