Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против Жан Митрев, како физичко лице и неговата болница, како правно лице, за кривично дело „измама”, за кое е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.
Од Обвинителството информираат дека се собрани докази за обвинетиот со кои е заклучено дека тој извршил прикривање на клучни факти за хемофилтрација – метод кој го прикажувал каков што не е, и не треба да биде, со што пациентите биле доведени во заблуда дека хемофилтрацијата е алтернативен начин на лекување на корона без научни докази.
Во истрагата на обвинителството биле опфатени вкупно 283 пријавени оштетени, а правното лице на Жан Митрев се здобило со имотна корист од 97.461.600 денари односно околу 1,6 милиони евра за хемофилтрации.
Во синоќешното гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма, Жан Митрев рече дека е невин, никого не измамил и дека пациентите свесно по своја волја поднесувале депозити. За сите ненаправени услуги, како што рече, средствата биле враќани на нивна сметка.