На официјалниот фејсбук профил граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ објави фотографии од локација на ул. Венјамин Мачуковски, општина Аеродром, на кои се гледа како градежна механизација руши објект и го подготвува теренот за изградба на нова зграда, за што инвеститорот немал дозвола и морал да исече стари дрвја.
„Поплаки од граѓани ЗХГ доби пред 2 недели за оваа локација која се загради од страна на инвеститор Елена Лука, за градење нова зграда. Град Скопје ни потрди дека нема издадено дозвола за интервенција врз децениското зеленило на парцелата и истото не смее да се сече / пресадува / кастри во ниеден случај. Испектор од градот беше на терен и ја констатираа состојбата. Ова утро, инвеститорот започнал со масакр на дрвјата и другото зеленило на парцелата, иако нема дозвола за истото од Градот. Децениски стари дрвја што имаат непроценлива вредност за животната средина, уништени за нова зграда да никне на нивно место. #ЗХГ повторно реагираше кај надлежниот инспекторат што сега е на терен, и известени сме дека Елена Лука ќе бидат казнети според Закон за урбано зеленило. За жал, законот предвидува максимална казна од 1.800 ЕУР, без разлика на бројот на исечени дрвја, што е смешна сума за секој инвеститор и воопшто не ги обесхрабрува да го прекршат истиот тој закон“, се вели во објавата на официјалната Фејсбук профил на „Зелен хуман град“.
Од таму порачуваат дека само со притисок од локалното население може да се спасат останатите дрвја на парцелата што уште не се уништени од инвеститорот.
„Аеродромци, не дозволувајте профитот на една фирма да ви го одземе правото на чист воздух, термална заштита и здрава животна средина“, апелираат од „Зелен хуман град“.