Арсовска откри загадувач на воздухот во Скопје – Кривична пријава против Цементарница „Титан Усје“

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска денеска на вонредна прес-конференција откри дека Цементарницата „Титан Усје“ во Кисела Вода, придонесува за загадување на воздухот во Скопје, за што од Градот ќе поднесат крвична пријава.

„На иницијатива на Град Скопје во соработка со Министерството за животна средина, изминатиот месец, градот самостојно и во, здружена акција со Министерството изврши мерења на испустот на гасови од работењето на објект од тешка индустрија во општината Кисела Вода. Се работи за цементарницата „Титан Усје“ од каде при извршените мерења на амбиенталниот воздух во фабриката се забележани големи концентрации на штетни честици кои значително допринесуваат кон нарушување на квалитетот на амбиенталниот воздух на целокупното подрачје на градот Скопје“, рече градоначалничката Арсовска.

Таа посочи дека мрењата се извршени во два наврати, и тоа на 26 и 27 декември минатата година, и 3 и 4 јануари годинава. При што и при двете мерења биле измерени, како што вели, огромни пречекорувања на дозволениот испуст на гасови и честици кои го загадуваат и нарушуваат квалитетот на амбиенталниот воздух.

Advertisements

„Конкретно, во месец декември минатата година, измерени се три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата, а слични резултати добивме и при мерењето кое е извршено на почетокот на овој месец“, рече Арсовска.

Арсовска информираше дека инспектори на градот Скопје во здружена акција со државниот инспекторат при Министерството за животна средина извршиле увид на работниот процес во цементарницата, при што се забележани сериозни прекршувања спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца.

„Дополнително за загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711,9 милиграми на метар кубен“, рече Арсовска.

Поради констатираните сотојби, градоначалничката најави дека ќе преземе иницијатива за покренување на кривична постапка против цементарницата „Титан Усје“ согласно член 218, член 230 и член 234 од Кривичниот законик, за непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, со што се загадува воздух, почва, вода, во поголем обем и со што се предизвикува опасност за животот и здравјето на луѓето.