Обид за убиство во Скопје – Татко трипати му забил нож на синот, сакал „да го реши“ зашто не го почитувал

Татко на 46 години во својот ресторан на улица „Кирил Пејчиновиќ“ во Скопје, по кратка расправија се обидел да го убие својот син, при што, со кујнски нож му нанел три убодни рани, соопштуваат од Основното јавно обвинителство Скопје.

„На 14 јануари, во работна просторија – кујна на ресторан во Скопје, на улицата „Кирил Пејчиновиќ“, осомничениот извршил семејно насилство и со умисла се обидел да го лиши од живот сопствениот син.

По кратка вербална расправија, за која причина биле претходно нарушени меѓусебни односи, осомничениот зел кујнски нож и му нанел три убодни рани на оштетениот во пределот на стомакот, десната подлактица и грбот, нанесувајќи му тешки телесни повреди“, се вели во соопштението од обвинителството.

Advertisements

Од таму информираат дека таткото во намерата да го убие синот бил спречен од сведок на настанот, кој му погнал и на повредениот син да биде пренесен во болница.

„Во намерата да го изврши убиството го спречил сведок, кој му помогнал на оштетениот и го пренел во болница. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, односно дека ќе го доврши обиденото кривично дело“, се вели во соопштението.

Во дадениот исказ пред јавен обвинител, таткото признал дека во критичниот момент одлучил „да го реши оштетениот“, односно да го лиши од живот, и дека „се надева во иднина оштетениот да разбере дека треба да го почитува својот родител или повторно може да се случи истото“.