Битиќи: Приоритет е намалување на стапката на инфлација

Намалување и одржување на стапката на инфлацијата, без притоа економијата да влезе во рецесија, е прв приортет за да имаме конкурентна економија која ќе носи развој, порача вицепремиерот Фатмир Битиќи, во обраќањето на годишната конференција „Економски предизвици во 2023 година: како да го одржиме економскиот раст и ја трансформираме економијата“, во организација на Стопанската комора на Северна Македонија.

„Вториот приоритет е енергетска стабилност и диверзификација, притоа не заборавајќи на социјалниот аспект или праведната транзиција, како никој не би бил оставен изложен на ценовен шок и незаштитен. На ова работиме посветено и резултатите се веќе видливи“, рече Битиќи.

Тој смета дека финансиската поддршка за одржување на ликвидноста на компаниите треба да продолжи и следната година.

Advertisements

„Владата претходната година силно го помагаше стопанството што придонесе со одржување на економската кондиција и задржување на работните места, дополнително и инвестиции за зголемување на нивната конкурентност преку отворање на нови производни линии, унапредување на технологијата и инвестиции во истражување и развој. Справување со недостигот на работна сила е прашање кое ќе мораме да го отвориме следната година, затоа го ставам во краткорочни приорите но ќе премине во долгорочно размислување и развој на економијата“, истакна Битиќи.

Вицепремиерот смета дека за креирање на предвидливост во економијата од исклучително значење е и започнувањето на креирање на “Национална развојна стратегија“, која, како што вели, „нема да биде само економски документ, туку стратегија која ќе мапира пат за целокупен развој на нашата земја за следните 20 години“.

„Краткорочна цел во која треба да гледаме, а која ќе има долгорочни ефекти е покачување на продуктивноста и соодносот со платите но и конечно мораме да зборуваме за отворање на нашиот пазар на труд“, порача Битиќи.