Обвинителството за убиството во Куманово – со кујнски нож без да види мајка му смртно го прободел својот татко на спиење

Притвор во траење од 30 дена доби 40 годишниот кумановец кој е осомничен дека го лишил од живот неговиот 65 годишен татко, со што сторил кривично дело, убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик, соопштија денеска од Основното јавно обвинителство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице кој судијата го прифатил и донел решение со кое определи мерка притвор во траење од 30 дена, оценувајќи дека лишувањето од слобода е законито

„На 12 јануари, во попладневните часови, на улицата „438″ во Куманово, осомничениот влегол во собата во која престојувале неговите родители, зел кујнски нож и без да биде забележан од мајка му, дошол до креветот на кој спиел неговиот татко и со ножот го прободел во пределот на вратот од левата страна. Како резултат на здобиената повреда, оштетениот обилно искрвавил и починал, а осомничениот заминал во соседната соба каде останал до пристигнувањето на полициските службеници“, велат од Обвинителството.

Претходно,  за целосно расчистување на овој немил настан ЈО издаде наредба за обдукција на починатиот и вештачење на сите траги пронајдени и подигнати на лице место.