Започна снимањето на биографскиот филм за Ејми Вајнхаус – „Прекрасна, единствена и трагична приказна“

Режисерката Сем Тејлор-Џонсон објави на Инстаграм дека снимањето на „Back to Black“, кој го носи името на вториот албум на Ејми Вајнхаус, започна во Лондон на 16 јануари.

Таа ја објави и првата фотографија од актерката Мариса Абела трансформирана во познатата пејачка, со крената коса, тетоважи и карактеристични големи обетки.

Филмот ги следи „живописните рани години на Ејми во Лондон и нејзиното интензивно патување до славата“.

Advertisements

Тејлор-Џонсон е најпозната по хит филмот „50 нијанси сиво“ и по биографскиот музички филм „Џон Ленон: Момче кое не ветува“.

Младата британска актерка Мариса Абела (26) е ѕвезда на серијата „Индустрија“ на HBO. Актерката објави фотографија на која стои пред голем графит портрет на Вајнхаус.

„Те сакам Ејми“, напиша под фотографијата.

Сценариото за филмот го напиша Мет Гринхол, сценарист на играното деби на Тејлор-Џонсон за Џон Ленон од 2009 година.

Филмот е заеднички продуциран од Focus Features, Monumental Pictures и Studiocanal.

„Првпат ја видов Ејми како настапува на шоу за таленти во џез-клуб во Сохо и веднаш ми беше очигледно дека тоа не е само талент, таа е генијалец. Се чувствувам и возбудено и понизно затоа што имам можност да ја реализирам и да ја донесам во кината прекрасната, единствена и трагична приказна на Ејми, придружена со најважниот дел од нејзиното наследство – нејзината музика“, изјави режисерката за филмот.

Покрај нејзиниот величенствен глас и големите музички хитови, Вајнхаус ги полнеше страниците на весниците поради своето однесување. Таа со години се бореше со зависноста од алкохол и дрога. Таа почина на 23 јули 2011 година од труење со алкохол на 27-годишна возраст.

Британскиот режисер Асиф Кападиа во 2015 година сними документарен филм за животот на несреќната пејачка наречен „Ејми“, за што доби Оскар.