САД ќе испрати во Украина стотици илјади артилериски гранати од голем магацин во Израел, објави Њујорк Тајмс.
Муницијата лоцирана во Израел е наменета за употреба во регионални конфликти.
САД, исто така, му дадоа дозвола на Израел да користи дел од залихите во итни ситуации, објави Њујорк Тајмс, цитирајќи американски и израелски официјални лица.
Претходната израелска влада ја одобри испораката на муниција додека Израел се обидуваше да одржува врски со САД и Украина без да го навлече гневот на Русија, јавуваат израелските медиуми.
Американските власти првпат ја споменаа можноста за снабдување на Украина од Израел минатата година, што предизвика загриженост за тоа како Русија ќе реагира. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин го информираше тогашниот израелски министер за одбрана Бени Ганц дека САД сакаат да земат дел од залихите.
Ганц разговараше за тоа со владата, која побара проценка од безбедносните службеници. Тие рекоа дека Израел треба да го прифати американскиот план за да избегне какво било недоразбирање со Вашингтон, а исто така и затоа што муницијата е на САД. Тогашниот премиер Јаир Лапид ја одобри испораката на муниција по разговорите во владата и со безбедносните службеници.
САД и Израел се согласија да испратат околу 300.000 гранати во Украина, изјавија за Тајмс израелски и американски претставници.
Постоењето на залихите беше претходно објавено, но малку се знаеше за тоа, при што Тајмс прво објави дека се користи за снабдување на Украина.
Израелските власти изјавија за американскиот весник дека Израел не ја променил својата позиција и останува против снабдување на Украина со смртоносно оружје, но се согласил САД да користат свои резерви.
Израел одбива да и обезбеди оружје на Украина од почетокот на руската инвазија, а една од главните причини се чини дека е стратешката потреба да ја задржи слободата во операциите во Сирија, каде руските сили во голема мера го контролираат воздушниот простор. Поради ова, односите меѓу Израел и Украина беа напнати и Киев постојано бараше еврејската држава да испрати поголема одбранбена помош.
Амбасадорот на Украина во Израел во вторникот повторно апелираше до Израел да и достави на Украина систем за противракетна одбрана додека продолжуваат смртоносните напади на Русија.
Израел, меѓу другото, обезбеди хуманитарна помош за Украина, а новата влада предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху ја објави својата намера да продолжи да ги доставува тие залихи.
Американскиот магацин во Израел, од кој ќе се врши достава на артилериска муниција во Украина, датира од војната во 1973 година. САД тогаш доставуваат оружје за Израел, а потоа изградија магацин за потенцијални кризи.
Американски тенкови и оклопни транспортери се наоѓаат во пустината Негев во случај да им бидат потребни на американските сили на Блискиот Исток.
Подоцна во 2000-тите, муниција од различни видови на американската војска била складирана во Израел на локации достапни само за американскиот персонал.
Магацинот е официјално познат како „Воени резервен залихи за сојузниците-Израел (WRSA-I)“. Тие се надгледувани од Европската команда на САД и Централната команда на САД од 2021 година.
Израел користеше складирана муниција за време на војната во Либан во 2006 година и војната во Газа во 2014 година.