Жестока реакција на Бигорскиот манастир: Монологот на владиката Петар е говор на омраза и поттик за јавен линч!

Монологот на владиката е од маргинален карактер, сепак поради епископскиот чин што го носи, како и поради реакциите на некои верници кои се чувствуваат повредени од неговите изјави, решивме да излеземе со овој апел, се вели во рекацијата Братството на Бигорскиот манастир на изјавите на митрополит Преспанско-пелагониски Петар, кој во интервју за „ТВ Сонце“ рече дека има парацрковна структура во манастирот на чело со епископот Партениј. Од таму дододаваат дека станува збор говор на омраза и  поттик и повик за јавен линч.

„Ве повикуваме и ве замолуваме да не се вознемирувате, ниту да се исполнувате со непријатни чувства и мисли поради клеветите, неоснованите тврдења и злонамерните инсинуации изнесени од страна на еден од митрополитите на нашата најсвета МПЦ-ОА, туку да се радувате и во мир и молитва да го поминете претстојниот голем Господов празник Богојавние – Водици“, се вели во реакцијата.

Од Братството посочуваат дека владиката Петар си зема за право да критикува епископ и манастир кои не се во негова надлежност.

Advertisements

„Имено, тој владика јавно злословеше дека Бигорскиот Манастир бил некаква си ‘парацрква’, притоа земајќи си слобода да критикува епископ и манастир што не се во негова надлежност – нешто што не е во согласност со црковните канони. Се разбира, оваа сериозна клевета нема ни трошка вистина во себе и вие тоа најдобро го знаете, бидејќи ние како монашка заедница сме нераскинлив дел од нашата најсвета Црква, на којашто доброволно сме ѝ ги посветиле своите животи во жртва и послушание.

Понатаму, тој владика инсинуира мислење дека ние сме небаре предавници и кривоверци, бидејќи, според неговите зборови, имало ‘проблем со парацрковната структура на Бигорскиот Манастир, кои и по националноста знаеме кај тргаат, и по нивната духовна ориентација и така натаму’. Во врска со ‘нашата духовна ориентација’, ќе ги потсетиме загрижените дека ние сме православна монашка заедница, која верува и ги исповеда догмите на едната, света, соборна и апостолска Црква, учењето на Светите Отци на Православната Црква и одлуките на Вселенските Собори. А во однос, пак, на нашата националност – иако и ова прашање влегува во делот од интимата на секоја личност – ние, сепак, за да нема дополнителни недоразбирања, јавно објавивме дека своето граѓанско право на изминатиот попис го исползувавме, за да ја декларираме својата македонска национална припадност“, велат од Братството на Бигорскиот манастир.

Во рекацијата се посочува дека според правните дефиниции, ваквиот настап на Митрополитот Петар се толкува како говор на омраза и како поттик и повик за јавен линч – „нешто што не му приличи на еден духовен водач и подлежи на кривична одговорност“.

„Згора на сѐ, сметаме и дека ваквите повеќекратно изнесени невистини во јавниот дискурс, придонесуваат за создавање на неединство, конструираат дух на осуда – што не е прифатливо и е спротивно на православниот етос и значат неоснована деградација и дискриминација на нашите манастири пред јавноста, но се и повод за поделба и раскол меѓу верниците во Црквата“, се вели во реакцијата.

Всушност, делата на Епископот Партениј и на Бигорскиот Манастир говорат токму за спротивното – духовното и материјално градење на нашата најсвета Црква, што е многупати посочувано и во беседите на нашиот свет Претстојател, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, како и на нашиот почитуван надлежен архијереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Не можеме да го сметаме за мешање во туѓа епархија помагањето на луѓето, коишто отуѓени од духовното, во Бигорски нашле спас и поттик за Христа. Впрочем, тоа наше дело во слава Божја е принос за целата Црква. А тоа што некои од монасите и монахињите се по потекло од градови од други епархии и таму имаат свои родители, роднини и пријатели – нивно лично и приватно право е да ги посетуваат и слободно да се движат, што, се разбира, не значи и некаков канонски прекршок, бидејќи ниту сме се мешале, ниту сме имале интерес од мешање во туѓите епархиски работи“, истакнуваат од Братството.

Во пресрет на Водици, од Братството повикуваат на љубов и молитва.

„Накрај, уште еднаш ве повикуваме на смирение, љубов и молитва, како би ја вкусиле благодатта од прекрасниот празник на Просветлението – Богојавление. Непријателот на човечкото спасение – ѓаволот, секогаш пред и за време на големи празници подметнува големи искушенија, со цел да ги одвлече верниците од правилното и мирно славословење на Бога. Но, важно е ние да не му даваме простор да дејствува во нас, туку да се молиме во мир, покајание и љубов за сите.

Добар празник и добро просветление и добриот наш Бог нека се смилува врз сите и нека никому не му зема за грев!“, се вели во реакцијата од манастирот „Св. Јован Бигорски“.