Дарко Глишиќ, претседателот на Извршниот одбор на Српската напредна странка (СНС) информира дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ на вонредниот партиски состанок вечерва соопштил дека е подготвен да се повлече од лидерската позиција во СНС.
– Доколку претседателот Вучиќ остане на мислењето да поднесе оставка, мислам дека тоа ќе биде крај за СНС. Тоа ќе биде крај за СНС на политичката сцена во Србија, а мислам дека потоа следува најлошото можно сценарио за Србија за кое не смеам ниту да помислам – изјави Глишиќ за ТВ „Пинк“ по состанокот посветен на решението за ситуацијата во Косово и Метохија.
Белградски „Информер“ претходно објави дека претседателот Вучиќ околу 21 часот ја напуштил средбата со своите најблиски соработници во седиштето на СНС во Нов Белград.
Вучиќ го информирал партиското раководство за притисоците од Западот врз Србија во врска со Косово и Метохија, а набргу потоа го напуштил партиското седиште.
Според „Информер“, одредени функционери порачале дека не треба да се прифатат натамошните преговори со ЕУ и САД.
Вучиќ, додава белградскиот весник, го ислушал сето тоа, а потоа рекол дека ако некој мисли дека може подобро, ќе се повлече.
Тој рекол и дека ако народот одбие преговори и ако некој мисли дека земјата треба економски да се уништи, ќе го препушти управувањето со државата на „попаметните луѓе“.
Глишиќ, како што пишува српскиот весник, наводно му рекол на Вучиќ:
„Ако вие се пакувате, се пакуваме и ние! Или сите заедно ќе се бориме за Србија или сето ова нема повеќе смисла!“.