Шест годишно девојче било сведок на грозоморен чин, во кој нејзината мајка крвнички била тепaна. Малолетното девојче вознемирено и со плачење го молела насилникот да не ја тепа мајка ѝ, при што во еден момент почнала да фрла и со портокали кон осомничениот, соопштија од Јавното обвинителство.
Немилиот настан се случил во селото Мрзенци, Гевгелија.
„Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Кавадарци за кривично дело – Насилство од член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Откако претходно повеќе пати ѝ пишувал пораки преку апликацијата „Вибер“ во кои ѝ се заканувал дека ќе ја повреди и ќе ја убие оштетената со која порано бил во љубовна врска затоа што му кажала дека веќе не сака контакт со него. На 16 јануари, осомничениот дошол од Кавадарци каде што живее, со неговото возило и го паркирал на улицата пред семејната куќа на оштетената во селото Мрзенци“, се вели во соопштението.
Од обвинителството информираат дека насилникот кога дошол пред влезната врата, ѝ се јавил на оштетената да му ја отклучи врата, па откако таа одбила, тој со нога ја скршил вратата и влегол внатре.
„Веднаш се качил на горниот кат каде што во спалната соба оштетената спиела со нејзината 6-годишна ќерка и ја удрил со бокс во пределот на лицето. Во тој момент се разбудило и девојчето и почнало да плаче, па оштетената ја дигнала во рацете. Осомничениот замавнал кон нив и го удрил девојчето во пределот на лицето. На оштетената ѝ го одзел мобилниот телефон и го скршил за да не може да побара помош. Потоа повторно почнал да ја удира со боксови и клоци, да ја дави во пределот на вратот, додека за цело време нејзината малолетна ќерка плачела вознемирено, молејќи го осомничениот да си оди и да не ја тепа мајка ѝ. Навредувајќи ја, тој ја фатил за коса оштетената и со влечење ја симнал во дневната соба. За да го натера да ја пушти мајката, девојчето започнало да фрла кон осомничениот со портокали, по што тој започнал да ја тресе ќерката, ја дигнал и силно ја фрлил на седечката гарнитура“, се вели за настанот во соопштението на обвинителството.
Насилникот потоа се качил на горниот кат, каде ги кршел и ги расфрлал работите. Тој момент го искористила оштетената која целата во крв, боса, ја зела нејзината ќерка и успеала да излезе од куќата, да влезе во возилото и да побегне во домот на нејзините родители.
„Од насилството оштетената се здобила со тешка телесна повреда – скршеница на нос, како и повеќе посекотини, контузии и хематоми по целото тело, а со телесни повреди – гребнатинки, модрици и хематоми се здобила и нејзината малолетна ќерка. Со дејствијата осомничениот кај двете предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв кое резултирало со бројни психички трауми особено кај 6-годишното девојче. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека тој ќе се даде во бегство, ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и дека ќе го повтори кривичното дело“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.