Уставниот суд ги одбрани Водно и Капиштец од нова бетонизација – нема повеќе дозволи за градба

Уставниот суд на денешната седница одлучи да ја укине Одлуката со која на 18 јули 2014 година, Советот на општина Центар го донесе Детален урбанистички план Градска четврт Ј 07 со локалитетите Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило, Цвеќара.

Ова значи дека оние граѓани и инвеститори што досега ја обезбедиле потребната документација од Општина Центар и почнале или завршиле со градежните активности на наведените локации, меѓу кои се и атрактивните парцели на Водно, не се засегнати од денешната одлука, бидејќи станува збор за укинување, а не за поништување на Деталниот урбанистички план.

Инвеститорите, пак, кои имаат интереси во оваа градска четврт и купиле плацови со намера да градат, но досега не ја обезбедиле потребната документација од Општината, согласно денешната одлука на Уставен нема да можат да го направат тоа кога одлуката на Судот ќе стапи во сила.

Advertisements

Дека одлуката на Општина Центар со која во 2014 година бил изгласан спорниот ДУП е незаконска, односно е против Законот за локална самоуправа и дека ДУП-от е изгласан без потребното мнозинство од 12 гласа гласале петмина судии од вкупно шест.

„Судот оцени дека Одлуката за ДУП на Општина Центар е спротивна на Законот за локална самоуправа, поточно со членот 62 став 2 од овој закон. Уставниот суд оцени дека  не било обезбедено потребното мнозинство од 12 гласа ЗА, како што предвидува законот. Согласно правното мислење на Судот, од вкупно 23 члена колку што броел Советот на Општина Центар присутни биле 12 члена, од кои  ЗА донесување на Одлука за Деталниот урбанистички план гласале 11 члена, а еден бил воздржан“, се вели во известувањето на Уставниот суд.

Уставот во својот член 110 предвидува дека прописите треба да бидат во согласност со законите, што не е случај во конкретната ситуација. Судот оцени дека со донесувањето на таа Одлука за Деталниот урбанистички план во Општина Центар е  нарушена  една од темелните вредности на уставниот поредок а тоа е владеењето на правото.

Така според денешната одлука на Уставниот суд, Општина Центар нема да  може да издава одобренија за градби за конкретните локации кои се опфатени со Деталниот урбанистички план, бидејќи тој ДУП не постои од денот кога ќе биде објавена одлуката на Судот во Службен весник.

Подносител на иницијативата е Томе Симоновски, граѓанин од Скопје.