Детали кои излегоа денеска од истрагата на Обвинителството откриваат дека затвореникот кој избегал од затворот во Идризово, а за кој информиравме претходно дека е осомничен за убиството на Адвокатската улица во Скопје во кое жртва беше скопјанец со иницијали А.Д. на возраст од 64 години, грозоморниот чин два дена пред Нова година го сторил на свиреп начин и со умисла.
Основното јавно обвинителство Скопје денеска информира дека е донесена наредба за спроведување истражна постапка против 39-годишен тетовец на издржување на затворска казна во КПУ „Идризово“ – Скопје за кого постои основано сомнение деа сторил кривично дело – убиство од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, информира Обвинителството.
„На 29 декември, во напуштен објект на улицата „1737“ во Скопје, по вербална расправија, осомничениот со умисла на свиреп начин лишил од живот едно лице. Со оштетениот се сретнале во Градскиот трговски центар и тргнале во правец кон т.н. „Адвокатска улица“. Во напуштениот објект започнале да се караат, па осомничениот од џебот извадил нож со кој на оштетениот му задал повеќе од 20 убоди во телото. Поради сериозноста на повредите оштетениот починал, а осомничениот ги измил рацете и си заминал од местото на настанот“, се вели во информацијата од јавното обвинителство.
Како што информиравме претходно, сторителот на кривичното дело со иницијали Ф.У., било лице кое е осуденик кој требало да биде на издржување на казна затвор во КПУ Идризово Скопје, но во тој период бил во бегство.
Ф.У. е приведен од полициски службеници од СВР Скопје и спроведен во КПУ Идризово, а во службен разговор го признал делото“, велат од МВР.