Бугарската државна агенција за национална безбедност (ДАНС) и Агенција за национална безбедност на Северна Македонија добија итна задача да го зачуваат мирот од двете страни на границата на 4 февруари, пишува бугарскиот портал 24 часа.
Порталот ја цитира и изјавата на бугарскиот министерот за надворешни работи Николај Милков кој како идеи без преседан ги оцени дискусиите за персона нон грата кон европратениците Ангел Џамбаски или Андреј Ковачев.
„Немаме гаранции кој е умерен, а кој поекстремен (од политичарите во РСМ). Ако ова се случи, тоа ќе биде без преседан. Засега немам информации дека две земји-членки на ЕУ меѓусебно прогласиле луѓе за персона нон грата. Ангел Џамбаски со сите оценки што можеби постојат за него е известувач за ПКМ во ЕП. Забраната за таква личност, доколку се случи, е исто така без преседан. А во ова е вклучен и Андреј Ковачев. Забраната за пристап на европратениците во земја-кандидат ми изгледа нелогична“, изјави Милков, шефот на дипломатијата.
Заедничка работа на двете специјални служби ќе биде прекин на судирите, а тоа било договорено во телефонски разговор на двајцата премиери бугарскиот Галаб Донев и македонскиот Димитар Ковачевски.
Порталот наведува и дека бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и шефот на ДАНС, Пламен Тончев се очекува в понеделник да дојдат во Скопје за да преговараат за заеднички активности со нивните македонски колеги.
Работата на двете контраразузнавачки служби ќе биде првиот обид да се смири тензијата меѓу Софија и Скопје, откако беше претепан секретарот на бугарскиот културен клуб во Охрид, Христијан Пендиков.
По инцидентот Бугарија привремено го отповика амбасадорот Ангел Ангелов и најави дека ќе се врати во Скопје кога ќе бидат казнети виновниците за нападите врз бугарските клубови и за тепањето.
Софија ги замрзна и сите меѓудржавни проекти со Македонија, а бугарското Министерство за надворешни работи испрати нота до Скопје за да се обезбеди пристап на сите Бугари кои патуваат и нивната безбедност.