Бугарските политичари нè враќаат во средниот век – им одговори Мицкоски на новинарите од Бугарија

Бугарските политичари мора да одговорат на прашањето како може да се подобрат односите меѓу Бугарија и Република Македонија, бидејќи не враќаат во средновековието, како да не сме во 21 век, изјави пред новинарите претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање од бугарските медиуми, како може да се подобрат односите меѓу двете земји, пренесе бугарската агенција БТА.

„Наместо да зборуваат за вештачка интелигенција, размена на технологија и искуство, тие не враќаат во средниот век, за жал. За да добијат ситни политички поени, бугарските политичари го прават она што не треба и наместо да бидат политичари на 21 век, тие стануваат циркузанти. Сите мораме да се почитуваме ако сакаме да изградиме добри односи. Негирајќи го македонскиот јазик, култура, не можете да ги почитувате. Па, ако решија да го слават Македонецот Гоце Делчев, не гледам зошто би имало проблем. Ние сме мирен народ, го почитуваме секој што доаѓа со добра мисла и очекуваме да не почитуваат – рече Мицкоски по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев, јави БТА.

Тој вели дека  не гледа проблем Бугарите да дојдат во Скопје „ако сакаат да го слават Македонецот Гоце Делчев“ додавајќи дека „можеш да ги бираш пријателите, не можеш да ги бираш соседите“.

Advertisements

Мицкоски го коментира и начинот на кој се организира одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев:

„Она што ме разочарува и што создава особено чувство на гнев е тоа што 68 месеци откако оваа влада беше избрана со ветување дека ќе го подобри животот, со ветување дека ќе ги реши сите отворени проблеми, особено со соседите, денес можете да видите дека во главниот град на нашата Македонија, има безбедносни мерки од највисоко ниво, дури летаат и хеликоптери или можам да заклучам дека не само што не ги решија, туку и ги продлабочија“, рече Мицкоски.