(ВИДЕО) Шокантна снимка на која црногорски полицајци малтретираат албански државјанин – „ќе му ја скршам вилицата“

На Фејсбук е објавено видео на кое се гледа како црногорската полиција малтретира албански државјанин. Наводно станува збор за универзитетски професор и поранешен советник на премиерот.

Управата на црногорската полиција се огласи во врска со видеото кое вчера се појави на социјалните мрежи, а на кое е снимена црногорската полиција како малтретира албански државјанин. Тие изјавија дека се работи за инцидент од 15 јануари, кој се случил на црногорско-албанскиот граничен премин Сукобин – Муриќани, недалеку од Улцињ, јавува Радио Слободна Европа.

„Во врска со овој настан преземени се официјални мерки и дејствија кои резултираа со утврдување на идентитетот на сите актери на наведениот настан, а во тек е утврдувањето одговорност на службениците од Управата за полиција, како и постапката пред Одделот за внатрешна контрола на полицијата на МВР“, соопшти Управата на полицијата.

Advertisements

Информацијата дека припадник на црногорската полиција „малтретирал албански државјанин“ ја соопшти Демократскиот сојуз на Албанците, партијата на лидерот Мехмед Зенка. Заедно со соопштението доставија и видео кое беше објавено во албанските медиуми во кое бараат надлежните да утврдат што се случило на граничниот премин.

„Ги повикуваме властите, како и премиерот Дритан Абазовиќ, да преземат соодветни мерки за расветлување на ситуацијата со употребата на сила од страна на полициски службеници врз неидентификувани лица и итно да се расчисти оваа ситуација“, соопштија оттаму.