Потпретседател на Демократската унија за интеграција(ДУИ) и дел од т.н. „Огнена група“, Изет Меџити во интервју за порталот „Република“ истакна дека нема да гласа за новата Влада, но нема никакви дилеми околу уставните промени.
„Ова е политика на инает и за дневна политика и интереси и јавно кажувам дека нема да гласам за новата Влада, но да се дообјаснам до крај јас и сите пратеници Албанци немаме никакви дилеми околу уставните промени. Не треба да се поврзуваат двете работи. Како што не нарекуваат „огнени“, во моментов имаме тројца пратеници. Разговараме и со други. Гледам дека има незадоволство и кај помалите партии и други експоненти и ќе треба да причекаме “, рече Меџити во интервју за „Република“.
Според Меџити, влезот на Алијанса за Албанците во Владата е непотребен.
„И ова што се направи е непотребно, имаше стабилно мнозинство и требаше само да се сработи тоа што е ветено и ќе немаше потреба од вакви политички акробации.Се надевам дека ова нема да доведе до предвремени избори и треба заедно да смогнеме сили да најдеме решение и да дојдеме до уставни промени бидејќи тоа е единствен пат за граѓаните да одиме кон ЕУ“, вели Меџити.