Најповолен е моделот според кој ќе се укине субвенционираната струја од 80 евра за мегаватчас за компаниите од прехранбениот сектор што не ги намалиле цените во меѓувреме, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Тој истакна дека е постигнат џенталменски договор помеѓу коморите и Владата, а во интерес на граѓаните, државата да продава струја по цена од 80 евра за мегаватчас за прехрамбените компании, во ситуација кога цените се движеа помеѓу 300 и 350 евра за мегаватчас.
„Доколку нема објективни причини за тоа да не била намалена цената и покрај субвенционираната цена на електрична енергија, тогаш нема да добиваат субвенционирана цена на електрична енергија, бидејќи таа субвенционирана цена на електрична енергија ја финансираат граѓаните на државата“, рече Ковачевски кој денеска беше во посета на фабриката „Гересхајмер“ во Технолошко-развојна индустриската зона 2 (ТИРЗ 2).
Овој став на премиерот Ковачевски е контра ставот на министерот за економија, Крешник Бектеши, кој најави дека ќе побара од владата да се укине целосно мерката за субвенционирање на струјата за фирмите во прехрамбената индустрија.
Од Сојузот на стопански комори(ССК) вечра побаар средба со Бектеши на која ќе се обидат уште еднаш да го убедат министерот дека помошта не треба да им се одземе на сите.
Од ССК предупредуваат дека ако се укине мерката, цените повторно можат да отидат нагоре.
„Оние компании кои согласно договор не ги намалија цените, тие фирми да се префрлат на слободен пазар и да се укине за нив , но за оние кои ја почитувале не треба да им се укине. Секоја компанија ќе направи анализа. Не би преудицирал, но може да се случи зголемување на цените“, вели Горан Ѓеоргиевски, потпретседател на ССК.