Ковачевски и Мицкоски побараа прошка

Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски денeска им ја честита Прочка на граѓаните, а побара и прошка.

„Пораката од денешниот празник е благородна и исполнета со човечки вредности, затоа што големината на човекот е во простувањето. Да простуваме и да ни биде простено, да продолжиме по патот кон градење успешно и среќно општество со рамноправни граѓани. Да се почитуваме меѓусебно, да се обединиме сите заедно околу вистинските вредности и да обезбедиме мир, пријателство и благосостојба за секој граѓанин“, пишува во честитката од премиерот Ковачевски.

Advertisements
Меѓусебното разбирање и почит, вели премиерот, „се основата за да можеме да градиме интегрирано општество каде ќе се почитуваат човековите права и ќе се развиваат демократските вредности.
„Нека е честит и за многу години празникот!“, порача Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски исто така го честиташе денешниот празник.

„Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите православни верници им го честитам празникот Велики поклади – Прочка. Простувањето е личен подвиг во кој човекот ги победува своите слабости, недостатоци и грешки кои сите ние ги имаме. Во најдлабоката суштина на сето ова е стремежот да бидеме подобри, почовечни, да ги сакаме ближните и да се бориме за работите кои веруваме. Во центарот на таа борба е иднината на нашите семејства, пријателите, народот, иднината на нашата Македонија. А, за тоа е потребно волја и верба, чист образ и многу работа.

И во тој контекст никогаш не ми е тешко да ја побарам прошката за работите кои можеле да бидат поинакви и подобри, од моите блиски, соработниците, од народот во кој цврсто верувам. Човечки и исправно е да се побара прочка од оние кои му значат на човека. Но воедно тоа не значи и немање на одговорност за сите оние кои си поигруваат со заедничката иднина на сите и го прават живот потежок. Само заедно, едни до други, со чисто срце и верба во Бога можеме да се избориме за посреќна, постабилна и просперитетна иднина. Нека е честит празникот Велики поклади – Прочка! Нека е за многу години!“, порача Мицкоски.