Владата не попушти на заканите од пекарите – лебот ќе се продава за 33 денари

Владата на денешната седница додесе одлука да ја укина субвенцијата за струја на пекарниците и ја замрзна цената на лебот на 33 денари, соопште премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.

„Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволно време за да се усогласат цените. По извршените проверки од Државниот пазарен инспекторат иако производителите добиваа субвенција за електрична енергија, цените на производите не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени продукти, дел намалија од 7-12 проценти. Затоа денес ја укинавме оваа мерка“, рече Ковачевски.

Тој најави дека пекарската индустрија ќе продолжи да се снабдува со струја согласно Законот за енергетика, притоа истакнувајќи дека новата замрзната цена ќе важни за леб од 450 грама.

Advertisements

„Ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика. Ја замрзнавме цената на белиот и полубел леб сечен и на парчиња или цел на 33 денари леб, со тежина од 450 грама. Цената на лебот под 450 грама ќе биде до 33 денари. Антикризните мерки не ги донесовме за едни да бидат поповластени од други, едни да плаќаат други да се богатат и да удрат по џебот на граѓаните за бенефит на поединци“, рече премиерот Ковачевски.

Вчера производителите на леб се заканија дека доколку Владата донесе одлука за замрзнување на цената на овој производ на 33 денари, тие веднаш ќе престанат да го произведуваат и да го испорачуваат на пазарот, и тоа не само „народниот“, туку сите видови леб.

„Дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во Службен весник, од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот“, вчера изјави за медиумите Горан Малишиќ, претседател на групацијата за мелничко-пекарска индустрија.