Трагедија се случи во Нови Пазар каде загинаа четири деца кои се задушиле од чад, откако во стан рано утринава избувнал голем пожар.
Децата на возраст од 6 месеци до 5 години, биле пронајдени мртви во станот. Родителите се тешко повредени со изгореници од втор, трет и четврти степен и во тешка состојба се пренесени во болницата каде се борат за живот.
Децата како што пишуваат медиумите, биле пронајдени во една соба, а се претпоставува дека починале од вдишување на чад.
Противпожарната служба, брзата помош и полицијата веднаш пристигнале на местото на настанот, но за жал немало начин да се спасат децата.
Таткото, како што пренесе Макфакс, се обидел преку терасата да влезе во детската соба, но не успеал да ја пробие вратата која била заглавена.
Таткото добил изгореници на 45 отсто од телото, а мајката се здобила со изгореници од втор и трет степен на 18 отсто од телото.
Пожарот бил забележан од двајца случајни минувачи, но поради силината на огнот, иако се обиделе заедно со соседите да помогнат, не можеле да се приближат до станот. Еден од очевидците изјави дека пожарот најверојатно започнал во ходникот, а иако службите пристигнале релативно брзо, на децата им немало спас.