Државниот пазарен инспекторат(ДПИ) викендов изврши над 250 надзори и контроли на територија на цела Македонија, при што е утврдено дека лебот се продава за цени од 28 до 33 денари, а само кај 6 трговци е утврдено прекршување на Одлуката на Владата, за што се издадени и платни налози во висина над 960.000 денари.
„Она што е утврдено од надзорите и контролите е дека поголем број од трговците ги почитуваат Одлуките на Владата. Леб се продава од 28 до 33 денари, зависно од грамажата и градот во кој се вршени надзорите и контролите, a трговците на големо и мало со прехранбени производи, генерално ја почитуваат обврската да го произведуваат и да го ставаат во промет лебот опфатен со Одлуката на Владата, во количина од најмалку 80 отсто од производството на овој леб во месец декември 2022 година. Онаму кадешто се констатирани прекршувања издадени се вкупно 6 прекршочни платни налози и тоа во висина од над 960.000 денари“, велат од ДПИ.
Од ДПИ најавуваат дека и понатаму ќе се спроведуваат контроли и надзори за тоа дали да се почитуваат Одлуките на Владата.
„Нема да има отстапувања и ќе биде казнет секој оној кој пробал на било каков начин да изврши прекршување на овие Одлуки. Апелираме трговците да ја адаптираат цената и доставата на лебот во согласност со Одлуките, бидејќи во спротивно ќе се соочат со казни кои се многу високи, и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината на економскиот субјект, а во надлежност со Законот за трговија“, се вели во соопштението на ДПИ.