Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова” од Штип најостро го осуди нападот врз отец Никодим Царкњас во село С’ ботско, Егејска Македонија.
„Воедно бараме од властите во Грција да го разрешат што поскоро овој случај и сторителите да бидат изнесени пред лицето на правдата. Ваквите напади врз апостолот на Македонците во егејска Македонија не водат кон добрососедство и помирување едни со други. После ова се поставува прашањето зошто ни беа потребни добрососетски договори, доколку страдањето на Македонците во Грција и понатаму продолжува“, се вели во реакцијата на македонското здружение.
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) објави дека 80-годишниот македонски православен свештеник, Никодим Царкњас на крајот на февруари бил нападнат во Грција од група млади Грци.
Царкњас бил попречуван од Грците на патот кон дома, по што побарал од нив да му овозможат да помине, а тие најпрво го нападнале вербално, а потоа му го скршиле стаклото на автомобилот.
Исто така, момчињата се обиделе да влезат во неговиот автомобил, но Царкњас успеал да им избега, по што го пријавил инцидентот во локалната полиција, објави ОМД.
ОМД побара од Владата на Република Македонија да го осуди овој инцидент.