Мицкоски: Ова е најцрниот ден за македонската историја, никогаш нема да го заборавиме страдањето на Евреите

По повод одбележувањето на 80 години од депортирањето на македонските Евреи во логорот Треблинка, на својот Фејсбук профил се огласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој порача дека ова е најцрниот ден за македонската историја и македонските граѓани никогаш нема да го заборават нивното страдање.

“Денеска се навршуваат 80 години од ликвидирање на македонските Евреи во Треблинка.

Advertisements

Во далечната 1943 година цели еврејски маала со своја традиција и култура во Скопје, Битола и Штип остануваат празни. Дури 98 проценти од еврејската популација, односно 7144 македонски Евреи од кои 1500 биле деца под 15 години се задушени во гасните комори на Треблинка.

Овој ден значи системска елиминација на еврејското население и е најцрниот и најтажниот ден за македонската историја и Македонија.

За стравотиите од ликвидирањето на македонските Евреи од страна на фашистичкиот окупатор кои на суров начин ги загубија своите животи има бројни докази, сведоштва за нивната голгота, траорни судбини.

Изразувам жалење за она на кое што била изложена Еврејската заедница во минатото. Македонија и македонските граѓани никогаш нема да ја заборават тагата и страдањата на овие семејства.

Никогаш да не се повтори ова злосторство и болно минато“, пишува на својата Фејсбук страница лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.