Нови писма-бомби во Шпанија, едно адресирано до премиерот Санчез

Шпанските безбедносни сили пронајдоа експлозивна направа скриена во пошта во воздухопловната база во Торехон де Ардоз во близина на Мадрид и пресретнаа писмо-бомба адресирано до премиерот Педро Санчез, објави шпанскиот весник „Ел Мундо“.

По инцидентот во воздухопловната база, каде е лоциран сателитскиот центар на Европската унија и од каде што Шпанија со авио летови испраѓаа помош за Украина, шпанските власти денес соопштија дека писмо-бомба било испратено и до шанскиот премиер Педро Санчез.

„Шпанија ја засили безбедноста на јавните и дипломатските згради откако низа писма-бомби беа испратени на цели, вклучително и шпанскиот премиер Педро Санчез и украинската амбасада“, соопштуваат од шпанското Министерството за внатрешни работи.

Advertisements

Како што пренесуваат шпанските медиуми, од министерството информирале дека „плик со пиротехнички материјал“ адресиран до Санчез бил примен на 24 ноември. Писмото-бомба било откриено и деактивирано од безбедносниот тим на премиерот.

Шпанскиот весник „Ел Мундо“ објавува дека и уште еден уред бил испратен до Министерството за одбрана на Шпанија во Мадрид, но тоа се уште не е потврдено од властите.

Две писма со бомби беа испратени вчера до украинската амбасада во Мадрид и до шпанската компанија за производство на оружје во Сарагоса, која произведува ракетни фрлачи кои Мадрид ги донира на Киев.

Во првиот инцидент, службеник на украинската амбасада во Мадрид беше повреден кога отвори писмо-бомба упатено до амбасадорот, поради што Киев нареди зголемени безбедносни мерки во сите свои амбасади во странство. Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, веднаш реагираше, наредувајќи им на сите украински амбасади во странство „итно“ да ја зголемат безбедноста, притоа повикувајќи ја Шпанија да започне истрага за нападот.

Неколку часа подоцна, компанија за производство на оружје во Сарагоса, североисточна Шпанија, доби сличен пакет, потврди шпанската полицијата. Станува збор за компанија која го произведува ракетниот фрлач C90, кој Шпанија и го испорача на Украина.