Косовскиот премиер Албин Курти доцна во ноќта по завршувањето на преговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ во Охрид, изјави дека е постигнат договор со Србија за анексот кој ќе биде водилка во спроведувањето на основниот договор. А, како што нагласи, основниот договор е де-факто меѓусебно признавање.
„Ова е де-факто признавање меѓу Косово и Србија. Денеска можеме да кажеме дека имаме и последователен анекс за спроведување, но потпишувањето на основниот договор е далеку од завршена работа, а и анексот е исто така далеку од потпишување“, рече Курти.
Според Курти, на Европската Унија останува да најде механизми за да може овој договор да стане правно и меѓународно обврзувачки.
Што се однесува до анексот за имплементација, Курти не сакаше да навлегува во детали, најави дека ќе биде објавен на веб-страницата на ЕУ и дека таму ќе може да се прочитате и да се толкува што содржи, а што не.
Курти на новинарите им рече дека Вучиќ не сакал да ги потпише договорот и анексот, а дека тој самиот бил подготвен тоа да го стори, не само денеска во Охрид, туку и претходно да го потпише договорот во Брисел.
Во однос на обврската за формирање Заедница на српски општини Курти рече дека договор за тоа е постигнат претходно, а дека уставноста и законодавството се основните принципи на договорот.