Се амнестираат прекршителите на ковид-протоколите, поништени се паричните и затворските казни

Пратениците ги изгласаа Предлогот на законот за амнестија и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија. И двата предлог- закони беа донесени по скратена постапка.

Измените на Законот за собрание се однесуваат на обезбедување на соодветен модел на усогласување на висината на минималната плата во платата на собраниските службеници, а со цел постигнување еднаквост во исплата на минималната плата во јавниот и приватниот сектор. Со овој Предлог закон се предлага нов начин на пресметка на плата на собраниските службеници, кој е веќе воспоставен и применлив во државата и во кој во основната компонента на плата е вградена и минималната плата која се зголеми согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата.

Со измените на Законот за амнестија околу 3500 граѓани осудени на високи парични казни поради непочитување на ковид-протоколите за време на пандемијата ќе бидат амнестирани. Голем дел од нив се социјални случаи на кои им се закануваше затворска казна.

Advertisements

„Изречената парична казна или казната заменета со затвор ќе се замени со алтернативна мерка условна казна… Изречената парична казна нема да се примени доколку осудените не сторат кривично дело во рок од три години по правосилноста на одлуката за амнестија“, се вели во Закон за амнестија за прекршување на мерките против ширењето на ковид епидемијата.