ВМРО-ДПМНЕ ќе биде идната власт во Македонија, нема да поддржиме уставни измени – Ѓорѓија Сајкоски

ВМРО-ДПМНЕ ќе биде идната влада во Република Македонија и ќе биде насочена кон изградба на правна држава каде судството, обвинителството ќе бидат независни и граѓаните ќе почувствуваат дека има надеж да се живее овде, вели Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието во своето гостување на Радио Лидер.

Тој во интервјуто зборуваше за уставните измени и истакна дека ВМРО-ДПМНЕ стои на својот став по ова прашање уште од самиот почеток, а тоа е дека нема да има уставни измени во кои ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас сум пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и можам да порачам дека нема да гласам за уставните измени. Нашиот став е принципиелен и тој е споделен со јавноста од почетокот на процесот, од 2022 година кога кажавме дека ваквиот предлог е неприфатлив за нас и ова прашања од 2022 е затворено за нас и секое навраќање на власта на ова прашање го гледаме како тема која што е бегање од главните проблеми што ги имаат граѓаните во Македонија. Во однос на францускиот предлог ние исто така принципиелно кажавме кога се разговараше за овој француски предлог дека не бевме поканети да учествуваме во креирањето, изготвувањето, не бевме истретирани ниту потоа да разговара некој од власта и сега првично Артан Груби, Бујар Османи, Ковачевски и сите од власта кажуваа дека во октомври ќе биде ова прашање затворено, помина октомври, па потоа декември, па во март еве и март ќе помине, сега доаѓа јуни, Маричиќ кажува во мај, Османи кажува во јуни, еве јас да ви кажам дека нема да има уставни измени во коишто ќе учествува ВМРО-ДПМНЕ, рече Сајкоски.

Advertisements
Според Сајкоски сите анкети покажуваат дека идната власт во Република Македонија ќе биде ВМРО-ДПМНЕ.
„Да градиме држава која што ќе биде правна држава, држава каде судството, обвинителството ќе бидат независни, држава каде што ќе почувствуваат граѓаните дека има надеж да се живее, држава каде што ќе има економија која што ќе биде конкурентна и која што ќе може да дозволи на стопанствениците да градат економија каква што се очекува и каква што има во Европа, додаде тој.