(ВИДЕО) Зеленски ги посети војниците на првата линија на фронтот, каде се водат најжестоки борби со платениците од „Вагнер“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски посети воена позиција на првата линија на фронтот во близина на опколениот источен град Бахмут, се вели во соопштението од неговиот кабинет.

За време на посетата Зеленски „слушнал извештаи за оперативната ситуација и текот на воените дејствија на линијата на фронтот“, се наведува во соопштението.

Тој се сретна и со украинските војници и со едноминутно молчење оддаде спомен на загинатите во војната.

Advertisements

„За мене е чест што сум денес овде, на истокот на нашата земја, во Донбас и да ги наградам нашите херои, да ви се заблагодарам, да се ракуваме. Ви благодариме што ја заштитивте земјата, суверенитетот, истокот на Украина“, рече тој.

Јулиа Мендел, поранешната портпаролка на Зеленски, сподели видео на кое рече дека го прикажува претседателот во близина на Бахмут.

Андриј Јермак, шеф на канцеларијата на украинското претседателство, на Твитер напиша дека заедно со претседателот Зеленски ги посетил позициите на фронтот во Бахмут.

Јермак пишува дека му било „голема чест“ што е таму „до нашите херојски воини“.

„Бахмут стои. Одбранбените сили го држат градот“, рече Јермак.

Украинската армија со месеци дава жесток отпор за да го одбрани Бахмут, кој од три страни е под опсада и напад на руската приватна паравоена формација „Вагнер“.