Поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата Ване Цветанов, кој се товари дека вршел незаконски јавни набавки и против кого е поднесена кривична пријава за злоупотреба на над 75.000 евра, избегал од Македонија, објави бугарската телевизија Нова.
„Жртва сум на политичка репресија. Сакав да го спроведам бугарскиот модел за контрола над регистрираните ревизори, но Владата не сакаше да го практикува бугарскиот модел. Без разлика што Бугарија потроши време и ресурси. Не се чувствувам виновен, но знам дека ќе ме казнат во Македонија благодарение на политичкиот дослух на мојот случај. Во обвинителството во моментов и да сакаат не можат да ми дадат помалку од 3 години“, вели Цветанов за Нова.
Тој ја отфрла можноста да се врати во Македонија.
„Не верувам. Она што го направив е избор и нема враќање назад – категоричен е тој“, вели Цветанов.
Цветанов потсетува дека бил еден од главните противници на Никола Груевски и многу му помогнал на Зоран Заев да дојде на власт.
Цветанов е осомничен дека незаконски ја ангажирал поранешната невенчана сопруга Дунавка Трифуновска и со државни пари оделе на заеднички службени патувања, односно за злоупотреба на службена положба и овластување, со што го оштетил државниот буџет за над 75.000 евра.