Апелацискиот суд ги укина пресудите за обвинетите во 27 април, сторени се суштествени повреди, ќе има повторно судење

Апелацискиот суд  ја укина првостепената пресуда за организаторите на настаните од 27 април во Собранието против поранешниот претседател на законодавниот дом Трајко Вељаноски, поранешните министри, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. По оваа одлука на апелациските судии предметот се враќа на повторно судење.

Поранешните функционери беа осудени на вкупна затворска казна од 25 години, но Апелацискиот суд ги уважи жалбите на Вељаноски, Ристовски, Јанакиески и Атанасовски и ја укина првостепената пресуда.

„Поради големиот интерес и транспарентност во работењето, судискиот совет на Апелациониот суд Скопје информира дека при разгледување на првостепената пресуда оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик“, се вели во соопштението од Судот.

Според Апелацискиот суд, првостепниот суд не ги утврдил правилно и со сигурност сите решителни факти по однос на преземените процесни дејствија кои го исклучуваат кривичното гонење во смисла на член 416 став 1 точка 3 в.в со член 113 од Кривичниот законик.

„Ова, од причини што при постпувањето и одлучувањето во предметот, првостепениот суд ги занемарил истакнатите приговори, како во формална, така и во материјална смисла по однос на примената на Законот за амнестија (Сл.весник на РМ бр.233/2018) кој во член 1 став 1 и 2 ги пропишува условите кои се однесуваат на лицата поврзани со настаните од 27 април 2017 година, за ослободување од кривично гонење, за запирање на поведените постапки и ослободување од издржување на казната затвор“, се вели во соопштението од Апелација.

Првостепениот суд, вели Апелација, врз основа на расположливиот доказен материјал во недоволна мера ги расправал сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување.

„При утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ“, констатирале апелациските судии.

Поранешниот спикер Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, поранешните министрите добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК беше осуден на 6 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

За поранешниот премиер Никола Груевски кој побегна во Унгарија и Никола Бошкоски од УБК, кој е побегнат во Солун, постапката е запрена до нивно апсење.