Анѓушев препорачува да се инвестира во батерии за складирање на електрична енергија

Инвестирањето во обновливи извори на енергија треба да биде плански и стратешки, потребно е да има диверзификација во производството на електрична енергија, но и да се инвестира во батериски системи за складирање на енергија, рече претседателот на Македонската енергетска асоцијација и поранешен вицепремиер, проф. д-р Кочо Анѓушев на денешната панел дискусија „Северна Македонија како зелен енергетски хаб- како да се претвори кризата во можност“ во склоп на годишната конференција „Година на нови можности“

“Од електрани од обновливи извори кај нас најпопуларни се фотоволтаичните, односно производството на електрична енергија од сонце, и тие забрзано се градат. Сончевите електрани се едни од производните капацитети кои се наведени и во Стратегијата за енергетика до 2040-та година и добро е што се инвестира во нив. Но, таа Стратегија треба повторно и внимателно да се препрочитува. Во неа стои дека во инвестирањето во обновливи извори треба да се оди плански и стратешки“, рече Анѓушев.

Advertisements

Нагласувајќи ја потребата од диверзификација на производството на електрична енергија, поранешниот вицепремиер за економски прашања препорачува дека државата веќе треба да подготвува одговор за вишоци на енергија во електродистрибутивниот систем.

„Односно, да се инвестира и во електрани на сонце, и на ветер, на биогас, вода итн. Причината е што еден обновлив извор создава концентрација на електрична енергија во ист временски период кај сите електрани. Затоа мора да има диверзификација, за да нема целосно производствено поклопување. А кога ќе почне засиленото производство од обновливите извори и појавата на големи количини енергија во системот, државата мора да има спремен одговор, кој од сега треба да се подготвува“, рече Анѓушев.

Тој посочи дека треба да се изгради Чебрен, да се воведат батериски системи за складирање на електричната енергија и како нај иновативен пристап- вишокот електрична енергија да се претвора во водород и како таков да се складира.