Информациски систем ќе ја контролира исплатата на државна помош

Со воведувањето на нов систем за имплементација на регистарот за државана помош, кој содржи комплетно нов информациски систем, на едно место ќе ги има во евиденција сите средства кои се исплаќаат од буџетот кон правни и физички лица, најави заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во своето обраќање на конференцијата „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности“ во организација на Секретаријатот за европски прашања.

„Во однос на подобрување на конкурентноста, главните забелешки на Европската комисија се поврзани со имплементација на регистарот за државна помош, кој е во директна надлежност на мојот кабинет и тука можам да истакнам дека поставувањето на еден комплетно нов менаџмент информациски систем, веќе започна со имплементација на проект финансиран од страна на Светска Банка и истиот преку еден сеопфатен процес на едно место ќе има евиденција на сите средства кои се исплаќаат од буџетот кон сите правни и физички лица по било кој основ“, рече Битиќи.

Advertisements

Тој оценува дека на овој начин ќе се овозможи оценување на ефикасноста и ефективноста на државната помош.

„Со овој менаџмент систем ние на едно место ќе ги имаме податоците од 11 институции, со целосна отвореност кон јавноста, што ќе придонесе кон поголема отчетност и транспарентност. Воспоставувањето на еден ваков менаџмент систем, истовремено ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на нашата администрација“, рече Битиќи.

Осврнувајќи се на деветте поглавија од преговарачката рамка за ЕУ, за кои е одговорен Кабинетот на вицепремиерот Битиќи, тој истакна дека кај поголемиот дел од поглавјата каде немало или има мал прогрес, голем дел од законските и подзаконските акти се заглавени со блокадите во Собранието.

„Еден од таквите примери е Законот за сметководствени работи, кој долго време беше заглавен во Собраниска процедура, креирајќи неконзистентност во работењето на целокупната сметководствена фела, која долг период функционираше во нарушени пазарни услови“, рече Битиќи.

Тој во своето обраќање информираше дек,а од друга страна, има ситуации каде веќе усвоени конкретни закони или подзаконски акти имплементација ќе ја доживеат од 1 јануари 2023 година.

„Класичен пример за тоа е новата легислатива поврзана со платните системи која носи неколку промени за целокупниот финансиски сектор, а особено банките. Со оваа реформа нашиот финансиски сектор дополнително се усогласува со директивата на ЕУ за финансиски колатерал, а комплетното усогласување се очекува да биде постигнато во текот на 2023 и 2024 година“, истакна Битиќи.