Ковачевски: Струјата нема да поскапи од 1 јануари

„Политиките на Владата, искусниот тим кој работеше на надминување на предизвиците со енергетската криза имаат видливи резултати. Граѓаните се уверија дека Владата нема да дозволи ценовен шок за населението и за малите потрошувачи на електрична енергија, што се потврди со цените на струјата што денеска ги соопшти Регулаторната комисија за енергетика“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за Македонска радио телевизија.

Претседателот на Владата посочи дека од 1 јануари, цената на електрична енергија кај домаќинствата за првиот и вториот блок се намалува, а само ќе се зголеми цената на третиот и четвртиот блок.

Advertisements

“Во четвриот блок има зголемување на цената, но таму се граѓани и семејства кои трошат поголеми количини на енергија, кои загреваат поголеми површини, дел од нив загреваат и базени во текот на зимскиот период. Тие можат да си дозволат да имаат таква потрошувачка”, рече премиерот Ковачевски.

Големо намалување на цената на струјата, односно 20,15% има за малите потрошувачи на електрична енергија. Премиерот истакна дека станува збор за 72.000 мали и средни претпријатија во државата кои вработуваат 98% од работниците во земјава.

“Ова е најдобра потврда за тоа што го зборувавме во текот на изминатите единаесет месеци од мандатот на оваа Влада. Јас во мојот Кабинет ангажирав советници со големо искуство во делот на енергетиката, работиме домаќински, со план, со знаење. Со напорите кои ги направија сите институции вклучително Министерството за економија, Министерството за финансии, вицепремиерот за економски прашања, раководството на државните компании од електроенергетскиот сектор и приватните компании, пред сè мислам на ЕВН, се потврди дека може на граѓаните да им се испорача тоа што им е ветено. Ние ветивме дека нема да има ценовен шок за граѓаните”, вели премиерот Ковачевски.