Народната банка ги зголеми каматните стапки и измери инфлација од 13,8% од почетокот на годината

Народната банка на Република Северна Македонија(НБРСМ) информира дека по разгледување на најновите податоци за домашната и глобалната економија, како и случувањата на домашните и меѓународни финансиски пазари, Комитетот за оперативна политика вчера донел одлука за зголемување на каматните стапки за дополнителни 0,5 п.п., со што се продолжува со затегнувањето на монетарната политика, а притоа утврдувајќи и дека просечната годишна инфлација во периодот јануари – ноември 2022 година изнесува 13,8%.

„На седницата на Комитетот беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,50 п.п. до нивото од 4,75%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Во согласност со зголемувањето на основната каматна стапка, зголемени се и каматните стапки на кредитот преку ноќ. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,50 п.п.“, информираат од Народната банка.

Advertisements

Со овие промени се продолжува со затегнувањето на монетарната политика од страна на НБРСМ, коешто е започнато уште од крајот на минатата година, а со цел одржување на стабилноста на девизниот курс и на среднорочната ценовна стабилност.

„Накусо, од крајот на минатата година, Народната банка активно управуваше со ликвидноста преку интервенциите на девизниот пазар, а од април па наваму и преку зголемување на каматните стапки. Ваквата монетарна поставеност е поддржана и зајакната и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот (од 0,5%), со што дополнително се јакне отпорноста на банкарскиот систем“, се вели во соопштението од НБРСМ.

Од таму посочуваат дека најновите промени во монетарната политика се реакција на инфлацијата, притоа информирајќи дека девизниот пазар во државата е стабилен.

„Во ноември, за првпат оваа година, беше прекинат трендот на забрзување на годишната инфлацијa, под влијание на забавениот раст на прехранбената компонента, а во согласност и со промените на цените на меѓународните пазари. Сепак, ризиците од посилни преносни ефекти врз базичната инфлација од цените на енергијата и на храната, коишто сè уште постојат, како и подигнувањето на инфлациските очекувања наметнуваат потреба од натамошна монетарна реакција. Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, при одлучувањето влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, за којашто се очекува дека ќе продолжи со зголемувањето на каматните стапки во следниот период“, се вели во соопштението.

Во однос на најновите показатели за инфлацијата од Народната банка инфомираат дека годишната стапка на инфлација во ноември забавила на 19,5%, со што просечната годишна инфлација во периодот јануари – ноември 2022 година изнесува 13,8%.

„И натаму околу 76% од овој раст е директен ефект од растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија, поради што од исклучителна важност е водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка“, се вели во соопштението.