Штедливите домаќинства со ниски приходи ќе добијат дополнителни субвенции за сметките за струја

Субвенционирањето на сметките за струја на најранливите категории граѓани ќе продолжи и годинава. Во Буџетот за оваа мерка се предвидени 60 милиони денари, а субвенцијата ќе изнесува од 600 до 800 денари, со тоа што домаќинствата кои ќе заштедат 10 отсто електрична енергија ќе добијат дополнителни 200 до 300 денари, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција во Владата.

Министерот за економија информирше дека јавниот повик е веќе објавен на веб-страницата на Министерството за економија и сите граѓани кои ги исполнуваат условите може да аплицираат најдоцна до крајот на февруари.

Advertisements

„За самец со приходи до 18.000 денари денари, за домаќинство со два члена до 25.000 денари, за домаќинство до три члена до 30.000 денари намалувањето на сметката ќе биде 600 денари, додека за домаќинство со четири члена со приходи до 36.000 денари и за домаќинство со пет члена и повеќе члена до 43.000 денари намалувањето на сметката ќе биде 800 денари“, рече Бектеши .

Според него, оваа мерка годинава е проширена со други социјално ранливи категории лица како што се корисници на правото на надоместок поради попреченост, самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување.

„Новина е и што доколку овие домаќинства направат заштеда на електрична енергија од 10 отсто споредено со истиот период минатата година, тогаш ќе имаат дополнително 200 до 300 денари намалување на сметката за електрична енергија во зависност од категоријата“, рече Бектеши.