УЈП со електронска фактура против даночните измами

Преку елетронскиот систем на Управата за јавни приходи(УЈП) годинава ќе се овозможи издавање, достава и прием на фактура во електронски формат, со што ќе се зголеми ефикасноста во контролата и сузбивањето на даночните измами, рече директорката Сања Лукаревска на конференцијата „Година на нови можности“, говорејќи на тема „Фискални, монетарни и даночни политики во време на криза“.

„Електронска фактура, е процес кој оваа година го подготвуваме, ќе овозможи издавање, достава и прием на фактура во електронски формат преку единствениот систем на Управата за јавни приходи, во кој ќе се евидентираат сите фактури кои произлегуваат од прометот помеѓу даночните обврзници, владините институции, крајните приматели на добра и услуги како и интернет продавниците. Со е-фактура ќе се спречи непријавување данок при трансакции во е-трговија ќе се зголеми ефикасноста на контрола и сузбивање на измамите со ДДВ (фиктивни фактури), а контролите да ги насочиме кон високоризични обврзници“, рече Лукаревска.

Advertisements

Директорката Лукаревска истакна дека должност на УЈП е да воведе целосна дигитализација на процесите и модернизација на услугите кон даночните обврзници, да се намалат бирократските процедури, а да се зголемува ефективноста и ефикасноста на постапките.

„Со тоа, ќе го стегнеме обрачот за неформалната економија, а за формалните бизниси ќе обезбедиме фер пазар и конкуренција“, истакна Лукаревска.