Наместо да биде обештетен, поради повредите со кои се здобил, паѓајки во отворена и необезбедена шахта на улица во Охрид, охриѓанецот, Илија Џепароски, вели дека сега тој на Јавното претпријатие Нискоградба, треба да исплати судски трошоци во висина од 129.000 денари, пренесува АлсатМ.
Ваква одлука донел Основниот суд во Охрид. Со камати оваа сума сега достигнува 200.000 денари вели Џепароски.
„Не да барам оштета туку го изгубив спорот и сега јас сум во таква ситуација, што треба јас да плаќам оштета на претпријатието Нискоградба. Шахтата беше отворена, во шахтата претходниот месец падна една постара жена. Една година шахтата си стоеше отворена. Судијата по брза и кратка постапка не ги зеде нашите докази. Повикав само еден минувач кој ме креваше од шахтата. Имав и посекотини. Со едно образложение пресудата беше сум морал да гледам каде одам. Да биде поголем апсурд, се жалевме и во Битола, во пресудата пишува дека шахтата била обезбедена“, вели Џепароски.