(ВИДЕО) По чуден разговор со новинари, Илон Маск ја суспендира аудио функцијата на Твитер

Twitter Spaces, аудио функцијата што им овозможува на луѓето да учествуваат во групни разговори користејќи ја социјалната платформа, е оневозможена и не е јасно дали некогаш ќе се врати. Овој потег доаѓа откако Илон Маск се приклучи на групен разговор организиран од репортерката на BuzzFeed, Кејти Нотопулос во четвртокот навечер, каде што извршниот директор на „Твитер“ опуштено зборуваше за неговите нови правила околу она што милијардерот го нарече „доксинг“.

Претходно, Маск исто така забрани пристап до социјалната мрежа на најмалку 10 различни новинари во четвртокот навечер, за кои тврдеше дека ја споделуваат неговата локација во реално време. Во реалноста, овие новинари едноставно известуваа за контроверзноста околу профилот на „Твитер“ – @ElonJets, кој влече јавно достапни информации за различни авиони.

Advertisements

Причината за разговорот на Нотопулос наTwitter Spaces беше токму забраната за новинарите, а тројца од нив успеаја да се приклучат на разговорот, меѓу кои и Мет Бајндер од Mashable, Дру Харвел од Вашингтон пост и Џек Свини, 20-годишен  студент кој го основал ElonJets.

Џејсон Калаканис, бизнисмен кој беше донесен во „Твитер“ за време на купувањето на социјалната мрежа од Маск, исто така се приклучи на разговорот, но вели дека повеќе не работи за компанијата. Сепак, Калаканис постојано го прашуваше Свини како би се чувствувал доколку Маск или членовите на неговото семејство бидат убиени, што е прилично горливо прашање со оглед на фактот дека нема докази дека некој ги користел @ElonJets за да го демне или малтретира Маск.

Маск тврди дека @ElonJets го доведува неговото семејство во опасност, но пред неколку недели рече дека ќе дозволи „Твитер“ профилот да остане активен бидејќи верува во слободата на говорот. Тоа очигледно се смени оваа недела, а Маск дури рече дека ќе преземе правни мерки против лицето кое стои зад сметката. Маск исто така се приклучи на разговорот на Twitter Spaces со Нотопулос, но се чини дека неговите зборови немаа многу смисла за време на неговото кратко појавување. И тогаш функцијата Twitter Space престана да постои.