63 бели столчиња и 63 бели рози: Кочани се поклонува пред жртвите од „Пулс“

Со поставувањето на симболичната инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“, денеска во Паркот на револуцијата во Кочани започна одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој на 16 март минатата година згаснаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Шеесет и три бели столчиња, секое со по една бела роза и отворена книга на жалост, беа поставени во тишина како немо сведоштво за животи прекинати во најубавите години. Инсталацијата симболично ги претставува младите луѓе чии соништа и планови беа прекинати во трагедијата што длабоко ја потресе Македонија.

„63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат – секое столче ја носи тишината на едно отсутно присуство, бела роза за спомен, светлина за сеќавање и место што никогаш нема да биде исполнето“, стоеше во пораката што ги пречека присутните на местото на настанот.

На одбележувањето присуствуваа делегации, семејствата на загинатите, пријатели и бројни граѓани кои со тишина и положување цвеќе оддадоа почит на младите животи што згаснаа во пожарот.