Актуелни функционери на „црната листа“ на САД – што вели премиерот Ковачевски?

Не е исклучено „црната листа“ на САД да биде дополнета со имиња на актуелни функционери, ова денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски како одговор на новинарско прашање, а по интервјуто на претседателот Стево Пендаровски за Канал 5 во кое тој зборуваше и за американскиот тим за санкции  кој престојуваше неодамна во земјава.

Пендаровски рече дека еднонеделната посета на тимот за санкции од САД, кој бил составен од тројца дипломати вработени во Стејт Департментот, била со цел да соберат информации за случувањата во виталните сфери на општеството за понатамошно ажурирање на оваа „црна листа“.

Advertisements

Пендаровски рече и дека според неговоите информации во фокусот биле лица од политиката, бизнисот и правосудството.

-Тоа што е утврдено според моите информации и таа листа веројатно во догледен период, не би сакал да шпекулирам во таа смисла бидејќи тоа не е моја работа, ќе биде ажурирана и не би исклучил дека ќе има и актуелни функционер изјави Пендаровски.

Дека ќе има проширување на црната листата најави и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Тој неодамна изјави дека САД ќе продолжат со воведувањето санкции за корумпирани политичари бидејќи досегашните дале резултат.